Американско-балканската глобална стопанска комора ја обедини дијаспората со концерт на Симон Трпчески во Флорида

Американско-балканската глобална стопанска комора ја обедини дијаспората со концерт на Симон Трпчески во Флорида

пред 2 часа

На 19 април 2026 година, Американско-балканската глобална стопанска комора – American Balkan Global Chamber of Commerce организираше значаен културен настан во престижниот Кравис центар за изведувачки уметности – Kravis Center for the Performing Arts, каде светски познатиот македонски пијанист Симон Трпчески настапи заедно со Палм Бич симфонијата – Palm Beach Symphony пред публика од околу 2.000 посетители.

Настанот претставуваше вистински пример за спој на културата, заедништвото и идентитетот, при што балканската дијаспора во Соединетите Американски Држави имаше можност да се обедини преку уметноста и музиката на едно високо ниво. Организаторите потенцираа дека ваквите иницијативи имаат огромно значење за одржување на културните врски и зајакнување на заедницата надвор од матичните земји.

„Длабоко сме благодарни на Симон Трпчески за неговата извонредна уметност и великодушност, како и на Палм Бич симфонијата – Palm Beach Simphony за блиската соработка и партнерство што ја направи оваа вечер навистина исклучителна. Да ја видиме нашата дијаспора обединета на ваков начин – преку музика, култура и заеднички идентитет – беше вистинска инспирација. Ваквите моменти нè потсетуваат на моќта на поврзувањето и на важноста да создадеме простор каде нашата заедница може да се вклучи, да слави и да расте заедно“, изјави Елиза Пренџов, претседателка на Комората.

Настанот обедини делегација од околу 120 гости од балканската дијаспора и мрежата на Комората. Уште пред почетокот на концертот, Трпчески лично ги поздрави гостите, создавајќи топла и пријателска атмосфера. Од своја страна, Палм Бич симфонијата – Palm Beach Simphony јавно ѝ се заблагодари на Комората за партнерството и упати специјален поздрав до македонските гости и пошироката балканска заедница.

Настапот на Симон Трпчески беше опишан како незаборавен, со маестрална прецизност и силна емоционална длабочина која ја воодушеви публиката. За многумина од присутните, вечерта имаше посебно значење, особено во моментите кога уметникот се осврнуваше на својата татковина и богатото културно наследство што го претставува на светската сцена.

По концертот, во просторијата „Фаундерс рум“ беше организиран ВИП прием со присуство на околу 80 гости. Во таа прилика, Комората му го додели на Трпчески „Сертификат за извонредност“ – највисокото признание, како благодарност за неговиот придонес во промоцијата и зачувувањето на балканската култура на глобално ниво.

Дополнително, беше организирана и приватна вечера со уметникот во престижниот хотел „Брејкерс Палм Бич“ – The Breakers Palm Beach, , што дополнително ги зацврсти врските меѓу дијаспората, културните институции и пошироката заедница.

Целиот настан ја отслика мисијата на Комората – поврзување на културата, бизнисот и заедницата со цел создавање соработка, гордост и единство без граници.

Share
Scroll to Top