Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми и капитен на Динамо, стана првиот активен играч на овој клуб кој некогаш добил мурал во Загреб. Делото е на загрепскиот уметник Антонио Јурчевиќ Јурча, кој го нацрта со помош на навивачите од Петрушевац.
Тој денеска беше лично да го посети мралот којшто му го посветија навивачите, а потоа се потпиша со спреј.
„Сакам од срце да им се заблагодарам на сите. Ова е голема чест за секој фудбалер. Пресреќен сум и горд со муралот што ми го посветија навивачите“, изјави Адеми.
Фудбалерот, кој е роден во Шибеник, настапува за Динамо од 2010 година. Тој е клупски рекордер според бројот на настапите во еврокуповите и седми на листата на стрелците. Тој досега има одиграно 330 натпревари за Динамо во сите официјални натпреварувања. Со овој ефект моментално е трет на листата на играчи со најмногу официјални настапи во историјата на овој клуб со реални шанси до крајот на сезоната да го заземе второто место. Досега има постигнато 34 гола, според официјалниот сајт на Динамо.