Почина Енди Рурк, басистот на култниот бенд „Смитс“. Почина на 59-годишна возраст, откако ја загуби битката со ракот. Тажната вест ја потврди и неговиот колега од бендот, Џони Мар, кој откри дека Енди боледувал од рак на панкреасот.
„Со голема тага објавуваме дека Енди Рурк почина по долга битка со ракот на панкреасот. Од оние кои го познаваа ќе остане запаметен како љубезен и добар човек, а љубителите на музиката како исклучително талентиран музичар. Ве молиме за приватност во овој тажен период“, напиша Џони.
Таткото на Рурк бил Ирец, а мајка му Англичанка. Кога имал седум години му подариле гитара. Четири години подоцна станал пријател со Џон Махер, кој подоцна го промени своето име во Џони Мар. Делеле истиот интерес за музиката.
Рурк снимал со Смитс на песни како што се „This Charming Man“ и „There is a Light That Never Goes Out“. Свиреше и во групата „Фрибас“ со уште двајца познати гитаристи Питер Хук од Њу Ордер и Мани од Стоун Роузис. Снимаше и со Шинед О’Конор, Иан Браун и Долорес О’Риодан од групата Кренберис.
„Јас и Енди цело време студиравме музика, се забавувавме и работевме за да станеме подобри музичари“, изјавил Мар во една прилика.
На училиште, паузите за ручек ги поминувале свирејќи музика. Рурк го напуштил училиштето кога имал 15 години. Свиреше гитара во различни бендови. Рурк и Мар се спријателиле со Морисеј и ги формирале „Смитс“. Бендот се распадна во 1987 година.