Српскиот музичар Момчило Бајагиќ – Бајага откри дека неговата мајка Јованка своевремено била одведена во озогласениот логор Јасеновац заедно со сите членови на нејзиното семејство. Иако преживеала, неколку мажи од нејзината фамилија биле убиени. Бајага, кој ретко зборува за приватниот живот, ја раскажа приказната за тешкото минато на неговата мајка по премиерата на филмот „Дара од Јасеновац“, кој беше српски кандидат за Оскар.
„Мајка ми живееше во Хрватска кога ги зедоа неа и сите членови на нејзиното семејство и ги однесоа во кампот. Сите мажи во нејзиното семејство беа убиени. Не сакам и не можам да зборувам за тоа како успеа да се спаси. И денес ми е премногу тешко кога ќе се сетам на некои од приказните што ми ги раскажуваше за целиот ужас што го доживеала во времето поминато таму“ рекол Бајага.
Бајага го коментираше и филмот кој предизвика бура од реакции на социјалните мрежи во регионот и светот, а кој ќе се прикажува на српската телевизија овој викенд.
„Мајка ми, која има 88 години, е жив сведок,.Таа ми има раскажувано што се случувало таму. Против ваква пропаганда се бори само со вистината и со толку добри филмови. Размислувам и за тоа дали мајка ми е паметно да ја оставам да го гледа филмот, иако има силна желба и ќе мора да ја пуштам, но знам дека многу ќе се потресе и дека ќе биде тешка вечер за сите нас. Го гледав филмот. Добро е направено и многу е тешко да се гледа. Бев воодушевен од девојчето што ја глуми Дара. Таа не е професионална актерка, но успеа да се избори со улогата која е многу тешка“ додал Бајага за српските медиуми.