„Безбеден град“ се проширува: Од утре сообраќаен надзор со камери во Охрид, Струга, Кичево и Дебар

„Безбеден град“ се проширува: Од утре сообраќаен надзор со камери во Охрид, Струга, Кичево и Дебар

пред 6 часа

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ од утре, 12 октомври, почнува со работа во Охрид, Струга, Кичево и Дебар. По завршените технички проверки и финалните тестирања, камерите ќе бидат активирани на сообраќајниците на подрачјето на СВР Охрид, информира Министерството за внатрешни работи.

Со проширувањето на системот, сообраќајот во овој дел од државата ќе биде под засилен и континуиран надзор. Целта, според МВР, е навремено откривање на прекршоците, поголема дисциплина кај возачите и подобра безбедност на патиштата.

МВР со апел до возачите

Министерството ги повикува сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите и со одговорно однесување да придонесат за заштита на човечките животи.

Почетокот на примената во четирите градови претходно го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски при посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад.

Тошковски: 20 отсто помалку повредени и 34 помалку загинати

Според податоците што ги презентирал министерот, бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 отсто во споредба со истиот период лани. Одделно, во првите осум месеци се регистрирани 34 помалку загинати лица.

Тошковски ја истакнал важноста на почитувањето на сообраќајните правила, нагласувајќи го придонесот на граѓаните во намалувањето на трагичните последици на патиштата.

Системот „Безбеден град“ е во функција во државата од 1 февруари годинава. На неговата примена ѝ претходеше период на адаптација од два и пол месеци, во кој граѓаните беа известувани за прекршоците, а системот беше тестиран и унапредуван.

Од утре, со активирањето на камерите на подрачјето на СВР Охрид, неговата примена се проширува и во овој регион.

Share
Scroll to Top