Беира Салифоска, дамата што бранеше дипломска на Брајово писмо: Следен предизвик ми е да летам со параглајдер

Беира Салифоска, дамата што бранеше дипломска на Брајово писмо: Следен предизвик ми е да летам со параглајдер

пред 1 година

Беира Салифоска е прва во нашата земја како лице со оштетен вид, кое одбрани дипломска тема напишана на Брајово писмо. Дипломскиот труд беше на тема „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на ковид-пандемијата“ на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ.

На Институтот имаат завршено и други студенти, но таа вели ја имала среќа да биде прва што добила дипломска отпечатена на Брајово писмо.

„Се чувствувам навистина одлично и многу исполнето со позитивна енергија. Реакциите на моите блиски беа прекрасни и тие се радуваат на мојот успех. Навистина ме исполнува многу, би дала сè од себе на каков било начин ако можам да помогнам за подобрување на нештата за лицата со оштетен вид“, раскажа Беира за „Репортер“.

На темата работела речиси четири месеци, а Институтот за специјална едукација и рехабилитација ја отпечатил на Брајово писмо. Сега таа е дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор и може да работи во посебно училиште.

„Најмногу се пронаоѓам во работата со лица со оштетен вид, сметам дека таму можам да бидам најпродуктивна“, рече Беира.

Најголемата поддршка таа ја имала од својот личен асистент Димче Миланов, кој ѝ е и најдобар другар.


„Ми беше огромна поддршка и мотивација за целото време на изработување на дипломскиот труд. Имав поддршка и од мојот ментор, професор доктор Даниела Димитрова-Радоичиќ, од некои од колегите што ги запознав за време на моите студии, како и од најблиските пријатели, кои ми беа достапни секогаш кога и да имав некаква потреба. Навистина сум им благодарна на сите тие луѓе што веруваа во мене и до крајот ми ја дадоа целата поддршка што ми беше потребна“, раскажа Салифоска.

Беира е вработена на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација како физиотерапевт (масер). Најчесто е прва смена од 7 до 15 часот, а денот ѝ е исполнет со премногу пациенти, како и дружба и комуникација со колегите.

Подобрувањето на образованието за лицата со оштетен вид е нешто со што таа би сакала да почнат промените во нашето општество за овие лица.

„Достапност на материјали на Брајово писмо или во аудиоверзија, подобрување на ориентацијата и мобилноста за лицата со оштетен вид, односно да има стручни лица што би работеле во оваа област, подобрување на инфраструктурата во градот и уште многу други работи“, вели Беира.

По завршувањето на дипломската, таа сака да се посвети на своите следни предизвици, а како што временските услови се подобруваат, така и нејзините авантури што ги планира подолго време ќе може да ги реализира заедно со својот личен асистент.

„Трчање на Скопскиот маратон, летање со параглајдер, посета на природните убавини во нашата земја и уште многу други работи“, вели Беира како лице со оштетен вид.

На покана на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на бранење на дипломската бил поканет и претседателот на државата Стево Пендаровски, а Беира се надева дека ќе ја оствари и посакуваната неформална средба со него.

Г. Додевска

 

Share
Scroll to Top