Панк-рок пејачот Били Ајдол доби ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд. На церемонијата на откривање на ѕвездата, со него беа членовите на неговиот бенд, девојката и семејството, вклучувајќи ги четворицата внуци.
Ајдол е првиот што доби ѕвезда оваа година, а вкупно 2.743-ти досега.
„Навистина е лудо што стојам на ова место со една ваква награда. Поминаа 47 години од моите почетоци со ‘Џенерејшн Екс‘ и 35 години откако првпат бев тука и никогаш не сум можел да замислам вакво нешто. Почнавме во средина на 1970-ите во панк рок времето и не се надевавме на многу. Решивме да го правиме тоа што го сакаме, но не верував дека ќе трае олку долго. Затоа е ова уште поневеројатно“, изјави 67-годишниот Ајдол.
Тој продаде повеќе од 40 милиони албуми во кариерата и беше една од првите ѕвезди на Ем-Ти-Ви. Лани објави миниалбум насловен „Кејџ“.