Бил Гејтс смета дека развојот на вештачката интелигенција е најважниот технолошки напредок во изминатите децении. Според него, таа е фундаментална исто како создавањето на микропроцесорот, личните компјутери, интернетот и мобилните телефони.
„Тоа ќе го промени начинот на кој луѓето работат, учат, патуваат, комуницираат и добиваат здравствена грижа“, вели Гејтс.
Тој зборуваше за технологијата што ја користат алатки како ChatGPT, која е програмирана да одговара на прашања онлајн, употребувајќи природен, човечки јазик. Тимот кој стои зад оваа алатка во јануари доби инвестиција од повеќе милијарди долари од „Мајкрософт“, каде што Гејтс денес е само советник.
Но, ChatGPT не е единствениот достапен четбот заснован на вештачка интелигенција, откако „Гугл“ неодамна го претстави ривалот Bard.
Гејтс ги повика владите да работат со индустријата за да се ограничат ризиците од вештачката интелигенција, но додаде дека со оваа технологија ќе можат да се спасуваат животи.