Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во нова колумна ја претстави стратешката визија за енергетската трансформација на Македонија, нагласувајќи дека инфраструктурата што се гради денес ќе ја одреди енергетската улога на земјата во наредните децении.
Во фокусот на колумната е првата национална Водородна студија, која според Божиновска не е само документ за нов енергенс, туку показател дека државата треба да гради инфраструктура подготвена за идно производство, пренос и користење чист водород. Географската положба на Македонија, меѓу Грција и Србија и на патот кон Централна Европа, може да добие ново значење во рамките на идната паневропска водородна мрежа.
Клучен исчекор, како што посочува министерката, е вклучувањето на Македонија во разговорите за проширување на Вертикалниот гасен коридор. Одлуката беше договорена на Четиристраниот министерски состанок во Атина на 15 мај, заедно со Грција, Србија и Бугарија, а на 10 јули Македонија и Србија првпат учествуваа и на работниот состанок на операторите на преносните системи. Божиновска потсетува дека на овој процес му претходеа и нејзините средби во САД, вклучително разговорите во Белата куќа и потпишувањето на Меморандумот за соработка во енергетиката.
Физичката основа на новата улога се гради преку гасниот интерконектор со Грција – македонската делница од Неготино до границата е долга 67 километри, а целиот интерконектор до Неа Месимврија изнесува 123 километри, со капацитет до 2,8 милијарди кубни метри гас годишно. Тоа значително ги надминува домашните потреби и отвора простор за транзитна улога. Интерконекторот со Србија, меѓу Клечовце и Врање, ќе овозможи двонасочен проток и целосно поврзување на системите. „Кога јужната и северната врска ќе бидат функционални, Македонија ќе го добие она што со децении ѝ недостасуваше – изборот“, порачува Божиновска.
Дел од истата стратегија е и праведната транзиција, во чии рамки се подготвува новата когенеративна централа „РЕК Битола 1“, за која во јуни е обезбеден грант од 2,4 милиони долари од Светска банка. Концептот предвидува користење природен гас, со можност инфраструктурата во иднина да се приспособи и за водород.
Министерката истакнува дека Европската комисија официјално оценила два реформски чекори од Реформската агенда во надлежност на министерството како целосно исполнети – функционалниот систем за управување со праведната транзиција и тригодишниот План за реновирање на зградите на централната власт.
„Од држава зависна од една влезна точка, стануваме држава поврзана со повеќе правци и извори. Од набљудувач на регионалните процеси, стануваме нивен активен учесник“, заклучува Божиновска.






