Можностите за нови инвестиции, модернизацијата на енергетската инфраструктура и поддршката за идните проекти беа во фокусот на работната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со претставници на германската развојна банка KfW.
На средбата се разговараше за напредокот на тековните активности, подготовката на нови енергетски проекти и можностите за обезбедување експертска и финансиска поддршка за нивна реализација.
Божиновска ја истакна важноста на соработката со KfW, посочувајќи дека меѓународните партнерства можат да придонесат и со финансиски средства и со стручни знаења потребни за развој на секторот.
„Соработката со KfW отвора можности за нови инвестиции, знаење и проекти што ќе придонесат за посилен и постабилен енергетски систем“, посочи министерката.
Според неа, новите вложувања и примената на современи технологии се значајни за посигурно снабдување со енергија и за модернизација на постојната инфраструктура.
Божиновска нагласи дека продлабочувањето на соработката со меѓународните финансиски институции создава услови за побрз развој на енергетскиот сектор, со акцент на проекти што ќе ја зајакнат стабилноста на системот.






