Божиновска: Скопската декларација отвора пат за поголема улога на жените во енергетиката

Божиновска: Скопската декларација отвора пат за поголема улога на жените во енергетиката

пред 6 минути

Скопската декларација за поголемо учество на жените во енергетската дипломатија беше потпишана денеска на Првиот форум за енергетска дипломатија во Скопје, кој се одржува под наслов „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката“.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска пред потпишувањето порача дека жените треба да имаат поголема улога во поставувањето на приоритетите, водењето на преговорите и градењето партнерства во енергетскиот сектор.

„Не зборуваме само за застапеност, зборуваме за влијание“, рече Божиновска.

Таа истакна дека поголемото учество на жените во одлучувањето им носи на институциите дополнително знаење, искуство и различни гледишта при креирањето на енергетските политики.

Мрежа за соработка, менторство и професионален развој

Според министерката, декларацијата ја потврдува заедничката определба за енергетска безбедност, одржлива транзиција и поголема улога на жените во носењето одлуки.

Со поддршка од Канцеларијата на Обединетите нации, Програмата за развој на ОН – УНДП и Економската комисија на ОН за Европа – УНЕЦЕ, мрежата на жени во енергетската дипломатија треба да овозможи соработка, менторство и професионален развој.

Божиновска оцени дека резултатите од декларацијата ќе се видат преку иницијативите и партнерствата што ќе произлезат од неа, како и преку можностите жените да учествуваат во преговорите за стратешки договори.

Во фокусот и мрежата и зеленото финансирање

На форумот се разговара и за вложувањата во електроенергетската мрежа, потребни за повеќе енергија произведена од сонце и ветер да стигнува до потрошувачите.

Меѓу темите е и зеленото финансирање, односно можностите тоа да им помогне на домаќинствата и малите компании да вложуваат во обновливи извори и енергетска ефикасност.

На настанот присуствуваат над 200 домашни и странски гости, меѓу кои владини претставници и претставници на меѓународни организации, финансиски институции, дипломатската заедница и приватниот сектор.

Share
Scroll to Top