Министерката за енергетика Сања Божиновска им се заблагодари на пратениците на Левица за поднесената интерпелација, оценувајќи дека расправата е можност да ја претстави досегашната работа на министерството. Истовремено, побара подносителите да преземат одговорност за точноста на изнесените тврдења.
„Да се биде министер е одговорност и чест, а тоа се оправдува со работа. Им благодарам на пратениците што ја поднесоа интерпелацијата, со што ми дадоа можност да ја претставам нашата работа. Ќе побарам вие да ја прифатите одговорноста за точноста на тврдењата во барањето“, порача Божиновска во собраниското обраќање.
Таа нагласи дека ја поддржува контролната улога на Собранието и правото на опозицијата да бара отчетност од извршната власт. Најави дека внимателно ќе ги следи дискусиите за од нив да се извлечат корисни насоки.
„Живеев и работев во Западна Европа, затоа верувам дека опозицијата треба да ја контролира Владата, а пратениците да бараат одговорност“, рече министерката.
Осврнувајќи се на критиките за електроенергетскиот сектор, Божиновска направи разграничување меѓу надлежностите на министерството, работењето на енергетските компании и улогата на регулаторот.
Според неа, обврските на министерството ги опфаќаат енергетската политика, сигурноста на снабдувањето, рударството и минералните суровини. Во однос на ЕСМ, посочи дека станува збор за акционерско друштво и дека министерството не ги спроведува неговите набавки, ниту склучува комерцијални договори.
За МЕПСО наведе дека постојат законски граници на надлежностите, додека за Регулаторната комисија за енергетика нагласи дека е независно тело со јасно определена улога. Се осврна и на учеството на пратениците во изборот на членовите на Комисијата.
Во продолжение, Божиновска започна да ги презентира резултатите од работењето на министерството, издвојувајќи го Законот за енергетика како прва точка.
Интерпелацијата ја поднесоа пратениците на Левица, кои упатуваат критики за состојбите во енергетскиот сектор и финансиското работење на ЕСМ. Пратеникот Амар Мециновиќ претходно обвини дека компанијата има милионски долгови и дека власта не презела доволно мерки за нејзина финансиска консолидација.






