Британскиот премиер Борис Џоносон организирал и забава за неговиот роденден во време на првиот локдаун воведен поради ковидот во јуни 2020 година. Во тоа време беа забранети секакви друштвени собирања во затворен простор.
Со ова уште повеќе се направи притисок врз британскиот премиер, особено што тој и претходно беше обвинет дека организирал забави во својата резиденција со членовите од владата.
Тие беа обвинети дека ги прекршиле епидемиолошките мерки кои ги наметнала самата Влада на чие чело е Џонсон.
Од неговиот кабинет ги негираа овие обвинувања и за „ИТВ Њуз“ се оправдаа дека тој ден биле во посета на неговата резиденција, но не останале повеќе од десетина минути. Тие велат дека биле таму само за да му го честитаат роденденот.
Надлежните се сомневаат дека биле подолго време и дека на Џонсон му била подарена и торта, а неговата сопруга ги терала другите да му ја испеат роденденска песна. Џонсон негирал и се правдал како и претходно и даваал разни објаснувања за нелегалните забави.
Прво рече дека ниту едно правило не било прекршено, а потоа им се извини на граѓаните. Опозицискиот лидер Кир Стармер рече дека забавата е само уште еден доказ дека Британците имаат за премиер човек кој верува дека правилата кои самиот ги вовел не важат за него.
„Не можеме да дозволиме да продолжиме со оваа хаотична влада без кормило. Премиерот е пречка за нацијата и тој мора да си замине“, рече Стармер.