Ботокс и филери: што стои зад третманите и колку се навистина безбедни?

Ботокс и филери: што стои зад третманите и колку се навистина безбедни?

пред 3 часа

Аферата со нелегален увоз на медицински материјали за естетски третмани – ботокс и филери – ја стави оваа тема во фокусот на јавноста, отворајќи прашања за безбедноста и контролата на ваквите процедури.

Во акцијата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи беа приведени 14 лица, по извршени претреси во Скопје, Струмица и Битола. Меѓу осомничените има доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје, сопственици на приватни ординации, како и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

Осомничените се товарат за „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“, а со кривичната пријава се опфатени и шест правни лица.

Шестмина добија притвор, четворица куќен притвор, додека за останатите се одредени мерки на претпазливост.
што е ботокс и како делува
Ботоксот е еден од најпопуларните естетски третмани за подмладување на лицето и вратот, но се користи и за медицински состојби како прекумерно потење.

Се добива од бактеријата Clostridium botulinum, но во третманите се користи пречистена и контролирана форма во многу мали дози.
Неговото дејство се базира на блокирање на сигналите меѓу нервите и мускулите, со што тие се релаксираат, а брчките се измазнуваат. Третманот трае околу 15 минути и се смета за безбеден кога се изведува во лиценцирани установи од стручен кадар.

Можно е краткотрајно појавување на модринки, оток или главоболка, но овие симптоми најчесто брзо исчезнуваат.
што се филери и кога се користат
Филерите, најчесто базирани на хијалуронска киселина, служат за пополнување на брчки, зголемување на волуменот на усните и подобрување на структурата и хидратацијата на кожата. Хијалуронската киселина е природна супстанца што се наоѓа во организмот, особено во кожата.

Третманот подразбира инјектирање на гел во кожата и трае од 10 до 30 минути. Како и кај ботоксот, процедурата е генерално безбедна ако се изведува правилно. Алергиските реакции се ретки, но може да се појават привремени ефекти како црвенило, оток или чувствителност.
клучно е каде се прават третманите
И ботоксот и филерите важат за безбедни процедури – но само доколку се користат оригинални, проверени препарати и се аплицираат од квалификувани медицински лица во лиценцирани установи.

Токму затоа, последната афера со нелегален увоз на овие материјали ја отвори дилемата колку ваквите третмани можат да бидат ризични кога не се спроведуваат под соодветна контрола.
Стручњаците предупредуваат дека користењето нерегистрирани или нелегално внесени препарати може да доведе до сериозни здравствени последици, што дополнително ја нагласува важноста на строгата регулација и надзор во оваа област.

Share
Scroll to Top