Британскиот музички магазин „Грамофон“ го избра „Варијации“ на Симон Трпчески за еден од најдобрите солистички пијано албуми на годината. Албумот го објави британската издавачка куќа „Лин рекордс“ во март годинава, а на него Трпчески се претставува со помалку изведувани дела од Моцарт, Бетовен и Брамс.
„Трпчески на овој прекрасен албум ги истражува и очигледно ужива во тројцата мајстори на варијациите, Бетовен, Брамс и Моцарт“, истакнува „Грамофон“.
Изведбата на Трпчески на два сета варијации на Бетовен се најде и на листата најдобри изведби на дела од германскиот композитор во 2022 година, информира здружението за култура и уметност КултурОп.