Од јануари ќе се наплаќа десет евра за влез во Венеција

Венеција ги забрани големите туристички групи, на водичите не им е дозволено да користат звучници

пред 6 месеци

Во Венеција стапија на сила новите правила кои забрануваат користење на преносни звучници за водичи и го ограничуваат бројот на туристи во една туристичка група на 25 лица.

Мерките беа воведени со цел да се ограничи влијанието на премногу туристи врз овој италијански град, изјавија официјални лица.

Историските области на Венеција го прават градот едно од најпосетуваните места во Европа, јавува Би-Би-Си.

Градските власти на почетокот на годинава воведоа дневен билет за туристичка посета на Венеција, кој чини 5 евра, а претходно на почетокот на 2021 година забранија закотвување на огромни бродови за крстарење во самиот град.

Прекумерниот туризам долго време се смета за еден од најсериозните проблеми на овој италијански град, кој треба итно да се реши. Во Венеција денес живеат нешто повеќе од 250.000 жители, а градските власти во 2019 година забележале посета на повеќе од 13 милиони туристи.

Иако оттогаш бројот на посетители е намален, експертите сметаат дека во годините што доаѓаат нивниот број ќе ја надмине статистиката од пред пандемијата.

Венеција пред долго време доживеа егзодус на локалното население кое се иселило од таму поради стравувањата дека туристите би можеле да го преплават историскиот град.

Ocio, здружение на граѓани кое го следи бројот на постојани жители во градот, неодамна ги ажурираше податоците. Според нив, денеска во историскиот кварт има околу 49.000 легла за туристичко изнајмување, што е повеќе од бројката со која располага самото население.

Промените во туристичките правила уследија минатата година кога експертите на УНЕСКО предупредија дека Венеција може да се додаде на листата на загрозени места на светското културно наследство, имајќи предвид дека и влијанието на климатските промени и масовниот туризам му се закануваат на градот со неповратни промени.

На крајот, тоа не се случи бидејќи УНЕСКО ги препозна напорите за решавање на проблемите со инсталирање антипоплавни системи и мерки кои овозможуваат помало влијание на масовниот туризам врз градот и врз животот на жителите.

Share
Scroll to Top