(Видео) Андреа: Бесмислено е ова што ми се случува, сама одлучив да го фрлам оти побараа да се сликам без знаме

(Видео) Андреа: Бесмислено е ова што ми се случува, сама одлучив да го фрлам оти побараа да се сликам без знаме

пред 3 години

Андреа Коевска се извини откако го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих на отворањето на Евросонг во Торино. Нејзиното однесување предизвика негативни реакции во јавноста, дотаму што дури и Македонската телевизија, која ја има лиценцата за организирање на овој настан, го осуди фрлањето на знамето и побара Андреа да се извини. Оттаму велат и дека размислуваат дали да ја повлечат од годинешното натпреварување.

Андреа, во видеото што го сними неколку часа по инцидентот, вели дека секаде оди гордо со знамето и дека е погрешно сфатена. Таа вели дека самата решила да го фрли знамето, оти побарале да се слика без него.

„Видов што се пишува по медиумите и едноставно не ми се верува.. Последниве неколку дена единственото нешто што го правев е што гордо се движев насекаде и го покажував македонското знаме. Но, во момент каде што ме снимаа и фотографираа побараа да го нема македонското знаме. Делегацијата беше навистина далеку од мене и јас одлучив во момент да го фрлам знамето. Не беше од омраза затоа што јас сум горда да доаѓам од тука и затоа ми е малку бесмислено зошто се случува ова“, вели Андреа во пораката.

Согласно членот 8 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната на државата, тие не смеат намерно да се кинат, палат, газат или на друг начин да се скрнават или изложуваат на презир или исмејување.

За потсетување, денес се одржа свеченото отворање на овогодинешното евровизиско издание во Торино, Италија. Сите 40 натпреварувачи и нивните делегации, претставници на ЕБУ и РАИ беа пречекани на тиркизниот тепих. Уметниците наместо на црвениот прошетаа по тиркизниот тепих, оти организаторите сметале дека тиркизот повеќе му одговара на градот домаќин, Торино.

(Видео) Андреа во Торино го фрли македонското знаме на земја

Share
Scroll to Top