(Видео) „Без да кажеш збор“ – новиот сингл на Мартинијан Кириловски што зборува со тишина, а освојува со емоција

(Видео) „Без да кажеш збор“ – новиот сингл на Мартинијан Кириловски што зборува со тишина, а освојува со емоција

пред 13 часа

По својот впечатлив настап на овогодинешниот Макфест, каде публиката првпат ја слушна „Без да кажеш збор“, Мартинијан Кириловски го претстави и видео записот за песната која веднаш го освои вниманието на јавноста.

Ова е композиција со која Мартинијан го потврдува својот автентичен израз и зрелоста што ретко се среќава кај млади изведувачи, комбинација на современ звук, емоционална длабочина и беспрекорна интерпретација.

Песната е целосно авторско дело на Илија Ќосевски, кој ги потпишува музиката, текстот и аранжманот. Таа носи брз и динамичен ритам, но зад енергичниот пулс се крие приказна што говори за најнежната форма на љубов, онаа што не бара зборови.

„Сакав да покажам дека и во брз ритам може да се раскаже нешто што се чувствува, не само што се пее. Понекогаш токму тишината зборува најмногу. Оваа песна е за тој миг кога не ти треба ништо освен нечиј поглед за да знаеш сè“. – вели Мартинијан.

Видеото е снимено во ProLight Studio во Скопје, под режисерска палка на Томислав Живковиќ, кој создаде визуелна естетика што совршено ја надополнува песната. Во спотот се појавува моделот Евгенија Петрушевска од Max Models, која со својата појава внесува суптилност и женствена енергија во визуелната приказна.

Самиот Мартинијан ја изведува песната со сигурност и емоција што потсетува на искуство далеку поголемо од неговите години. Со секоја нова изведба, тој покажува дека не го следи трендот, туку го создава својот сопствен пат, пат што води кон квалитет, искреност и уметничка вистина.

Песната е достапна на сите дигитални платформи, а видеото можете да го погледнете на YouTube каналот на Мартинијан Кириловски.

Share
Scroll to Top