Едноставен тест кој се состои од само три последователни движења со раката може да им помогне на лекарите да препознаат одредени нарушувања на когнитивните функции, меѓу кои и оние што се јавуваат кај деменцијата.
Станува збор за таканаречениот Луријин тест, познат и како тест „тупаница–раб–дланка“, кој ја проверува способноста на човекот правилно да испланира, запомни и изведе одредена низа движења.
Неврологот Аднан Хусеин го демонстрираше тестот на социјалните мрежи, објаснувајќи дека од лицето се бара да изведе три движења по точно определен редослед.
Најпрво едната рака се стега во тупаница и се поставува врз отворената дланка на другата рака. Потоа раката се отвора и странично, со работ кај малиот прст, се поставува врз дланката – слично на движење во карате. На крајот, раката се врти со дланката надолу и рамно се поставува врз другата рака.
Според Хусеин, некои лица не можат непречено да ја повторат оваа низа. Тие може постојано да повторуваат едно исто движење, да го сменат редоследот или да имаат потешкотии да преминат од едно движење на друго.
Со тестот се проценуваат функции на мозокот поврзани со моторното планирање, меморијата и таканаречените извршни функции.
Истражување спроведено врз 383 лица во клиника за деменција покажало дека тестот бил абнормален кај 54,9 проценти од пациентите со Алцхајмерова болест и кај 69,8 проценти од лицата со фронтотемпорална деменција.
Потешкотии при изведувањето биле забележани и кај 21,4 проценти од лицата со благо когнитивно оштетување, но и кај 2,3 проценти од испитаниците без когнитивни нарушувања.
Сепак, експертите предупредуваат дека Луријиниот тест не може самостојно да се користи за поставување дијагноза. Истражувањето покажало и дека со него не може сигурно да се направи разлика меѓу Алцхајмеровата болест и фронтотемпоралната деменција.
Резултатите од истражувањето биле објавени во стручното списание „International Psychogeriatrics“.
Деменцијата е заеднички термин за повеќе прогресивни заболувања кои го зафаќаат мозокот. Во зависност од видот на заболувањето, постепено може да дојде до проблеми со помнењето, размислувањето, говорот, разбирањето и секојдневното функционирање.
Иако деменцијата може да се појави на различна возраст, значително почеста е кај лицата постари од 65 години.






