Со песната „Крајот е спас“ македонскиот артист и музички продуцент Дарко Андонов – ДААН претставува длабоко личен музички проект, кој претставува преработка на композиција од групата „Три пати на ден“, бендот во кој творел неговиот покоен татко. Станува збор за поп-рок балада што носи силна емоционална тежина и симболично значење, како чин на почит и сеќавање.
„Оваа песна за мене не е само музика, туку разговор со минатото и начин да го зачувам она што татко ми го остави зад себе“, вели Андонов. „Сакав да ѝ дадам нов живот, но без да ја нарушам нејзината суштина.“
Во „Крајот е спас“ целосно се задржани оригиналната мелодија и текст, додека интервенцијата е направена исклучиво на аранжмански план. Современиот звук внимателно е изграден така што ја надополнува, а не ја заменува емоцијата на оригиналната верзија, создавајќи мост помеѓу минатото и сегашноста.
Песната зборува за загубата, прифаќањето и внатрешното помирување, но и за силата на музиката како средство за поврзување на генерациите. „Не чувствував потреба да менувам зборови или мелодија — тие веќе кажуваа сè. Моја задача беше само да ги облечам во звук што ѝ припаѓа и на денешницата“, додава тој и нагласува дека аранжманот е работен со Кире Јакимов кој што исто така беше задолжен и за Миксинг и мастеринг на финалното аудио.
Музичкото видео за „Крајот е спас“ е веќе објавено на YouTube и е реализирано со помош на вештачка интелигенција (AI). Во видеото се рекреирани сцени од легендарното студио на МРТ каде групата “Три пати на ден” го има снимено својот прв албум во 1991 година. Визуелниот приказ преку симболични и атмосферични сцени ја следи емоцијата на песната и ја засилува нејзината порака, без буквални наративи, оставајќи простор за лично доживување кај публиката.






