(Видео) „Дишам“ – новата песна на ДААН инспирирана од моментите на колективна тага по трагичниот настан во Кочани

(Видео) „Дишам“ – новата песна на ДААН инспирирана од моментите на колективна тага по трагичниот настан во Кочани

пред 2 часа

Македонскиот автор и артист Дарко Андонов – ДААН (https://www.instagram.com/daanmusicproduction/) ни ја претставува својата најнова авторска песна „Дишам“, емотивна композиција која зборува за човечката ранливост, тишината што останува по загубата и потребата повторно да се пронајде светлина.

Песната е авторско дело на Андонов, кој стои зад музиката и текстот, додека аранжманот, миксот и мастерингот ги потпишува Кире Јакимов. Снимањето е реализирано во студиото DAAN MUSIC PRODUCTION (https://www.daan-music.com/ ), каде Андонов ја развива својата музичка продукција.

„Дишам“ е модерна, драматична поп композиција со силна емоционална атмосфера, во која музиката и текстот создаваат простор за размислување за животот, спомените и човечката поврзаност.



„Песната настана во периодот кој следуваше по огромната трагедија во Кочани кога чувствував дека околу нас има огромна колективна тага и тишина, многу прашања и многу неизговорени емоции. Се обидов тоа чувство да го преточам во музика“, вели Андонов.

Инспирацијата за песната, како што додава тој, доаѓа од моментите на тага и празнина, кога луѓето се обидуваат повторно да го пронајдат здивот и надежта.

‘Дишам’ е песна за тоа дека и во најтешките моменти човек мора да продолжи да дише, да продолжи да верува и да продолжи да бара светлина.

За песната е подготвено и визуелно видео, кое Андонов го реализирал сам со помош на современи AI алатки, создавајќи атмосфера која ја следи емотивната линија на композицијата.

Песната „Дишам“ премиерно е објавена на неговиот YouTube канал, а авторот се надева дека таа ќе допре до слушателите и ќе им остави простор за сопствени чувства и размислувања.

„Оваа песна ја посветувам на сите aнгели кои прерано не напуштија и на нивните најблиски како и на оние кои сеуште се борат и пробуваат да дишат нормално, иако е тешко“, вели Дарко.

Share
Scroll to Top