Милијардерот Илон Маск уште првиот ден откако го купи „Твитер“ ги избрка досегашните директори. Маск го избрка и досегашниот шеф Параг Агравал кој заедно со директорот на финансискиот оддел Нед Сигал со придружба биле изведени од седиштето на компанијата во Сан Франциско.
Отказ добиле и други директори. Компанијата го чинеше Маск 44 милијарди долари, а откако го направи договорот само кратко напиша на „Твитер“, „Птицата е слободна“.
Денес беше последниот ден кога истекуваше рокот за купопродажбата. Ако не беше направена, Маск и „Твитер“ ќе мораа да се судат следниот месец. Од компанијата досега не коментираа ништо за купопродажбата, но еден инвеститор потврди за Би-би-си дека целата зделка е завршена.
Маск пред неколку месеци најави дека сака да го купи „Твитер“ за 44 милијарди долари, за потоа да се обиде да го напушти договорот, поради што случајот можеше да заврши на суд.
Најави големи промени, но кажа дека нема да дозволи „Твитер“ да се стане платформа за ширење омраза и поделби. Исто така најави дека сака да го исчисти од ботови, односно лажни профили.
Сепак, Маск досега не кажал како планира да го направи тоа и кој ќе ја води компанијата. Вчера тој појасни дека не го купува „Твитер“ за да заработи пари, туку за да му помогне на човештвото.
За потсетување, тој и вчера ја посети компанијата, а со него донесе мијалник.