Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, изврши увид во градежните активности за изградба на нов водоснабдителен систем во селото Лениште.
Станува збор за значаен инфраструктурен проект со кој трајно ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на жителите на ова населено место. За реализација на проектот, со поддршка од Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, се обезбедени повеќе од 20 милиони денари.
Проектот се реализира во две фази. Првата опфаќа изградба на цевковод од каптажата до нов резервоар со капацитет од 100 кубни метри во должина од 1.930 метри. Во втората фаза ќе се изведе главен цевковод од резервоарот до потрошувачите во должина од 2.400 метри, како и секундарна мрежа за куќни приклучоци во должина од околу 640 метри.
Проданоски истакна дека, иако Лениште денес е претежно иселено место, има голем потенцијал за развој како атрактивна викенд-населба поради близината до Прилеп. Според него, со подобрување на инфраструктурата и понатамошна урбанизација ќе се создадат подобри услови за живот и можности за привлекување нови жители.
Тој нагласи дека Општина Прилеп и понатаму останува посветена на рамномерен развој на сите населени места, со цел обезбедување квалитетни услови за живеење како во градот, така и во руралните средини.
Од општината информираат дека динамиката на работите континуирано се следи за проектот да биде реализиран во предвидените рокови и што поскоро да биде ставен во функција на граѓаните.





