(Видео) Индија во шок: Поранешна мис пронајдена мртва по само пет месеци брак, семејството обвинува за насилство поради мираз

(Видео) Индија во шок: Поранешна мис пронајдена мртва по само пет месеци брак, семејството обвинува за насилство поради мираз

пред 5 часа

Случај што ја потресе Индија и предизвика огромни реакции на социјалните мрежи продолжува да привлекува внимание во јавноста. Смртта на 33-годишната манекенка и актерка Твиша Шарма, поранешна носителка на титулата Мис Пуна, отвори сериозни прашања за насилството поврзано со миразот – проблем што и понатаму претставува длабока општествена рана во земјата.

Твиша Шарма била пронајдена мртва на 12 мај во нејзиниот дом во индискиот град Бопал, само пет месеци по венчавката со адвокатот Самарт Синг, со кого се запознала преку апликација за состаноци.

Нејзините родители и браќа тврдат дека младата жена била изложена на континуирано психолошко и физичко малтретирање поради барања за мираз. Според нив, нејзиниот сопруг и неговата мајка, поранешната судијка Гирибала Синг, постојано ја навредувале и вршеле притисок врз неа.

Од друга страна, Гирибала Синг ги отфрли сите обвинувања како неосновани, тврдејќи дека Твиша имала психички проблеми, се соочувала со зависност од дрога и дека станува збор за самоубиство.

Полицијата отвори истрага за смрт поврзана со мираз и испитува дали се работи за убиство или самоубиство. Сопругот Самарт Синг десет дена бил во бегство, а за информации што би довеле до негово пронаоѓање била понудена и парична награда. Судот претходно го отфрлил неговото барање за кауција и му наредил да се предаде до 23 мај.

Во меѓувреме, судот во Бопал му одредил седумдневен полициски притвор, еден ден откако тој драматично се предал пред судот во Џабалпур.

Случајот привлече дополнително внимание бидејќи мајката на осомничениот е поранешна судијка, додека Твиша била познато лице во индиската јавност. Таа ја освои титулата Мис Пуна во 2012 година, снимала реклами, играла во регионални филмови, а подоцна работела и во областа на маркетингот.

Семејството на починатата тврди дека проблемите започнале веднаш по свадбата кон крајот на 2025 година. Според нив, особено тежок конфликт избувнал откако Твиша останала бремена. Родителите обвинуваат дека сопругот и свекрвата се сомневале во татковството на детето и ја принудиле на абортус, тврдења кои Самарт Синг категорично ги негира.

Дополнителен шок предизвикале и пораките што Твиша ги испраќала до своето семејство. Во една од нив напишала: „Мојот живот е жив пекол“.

Првата обдукција покажала дека смртта настапила со бесење, но истовремено биле забележани и повреди кои настанале пред смртта. Поради тоа, семејството побарало нова обдукција и одбива кремација додека не се утврдат сите околности.

Пријатели на Твиша за индиските медиуми изјавиле дека таа често била јавно понижувана од сопругот, кој наводно ја навредувал и ја омаловажувал пред други луѓе.

Случајот предизвика силни реакции низ целата земја, а на социјалните мрежи веќе е покрената кампањата „Правда за Твиша Шарма“. Во меѓувреме, властите во индиската држава Мадја Прадеш соопштија дека случајот ќе го преземе Централното биро за истраги (ЦБИ).

Истрагата сè уште е во тек, а дел од наводите изнесени од семејството и другите страни допрва треба официјално да бидат потврдени.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Share
Scroll to Top