Марко Пејчиновски вчера исплива 14 километри по Охридското Езеро, од Радожда до Охрид. Тој оваа делница ја помина за скоро 5 ипол часа. Ова е прво од десетте препливувања на езерото што Марко гои планира за ова лето. Тој неодамна објави дека во десет викенди, десет пати ќе плива и целта му е да помине 250 километри.
„Летната одисеја започна. Стартуваме со првото од десетте препливувања. Радожда – Охрид, 14 километри“, напиша тој на Фејсбук.
Неговиот тим, кој во текот на денот неколку пати објавуваше видеа од пливањето и споделуваше како Марко напредува.
„После големи искушенија со ветар и бранови, Марко пристигна на Охридското пристаниште за 5:25:09 часа. 1/10“, напишаа на социјалните мрежи.
Марко лани во септември пливаше во знак на поддршка на Децата со ретки болести. Претходно, на 1 август ја исплива делницата Охрид – Св.Наум – Охрид и подвигот го посвети на неговата мајка.
Марко првпат пред четири години го преплива езерото и на 12 години стана најмладиот маратонец што ја испливал 30-километарската делница од Свети Наум до Охрид.