Стриминг платформата „Netflix“ го објави официјалниот трејлер за новиот филм „Thunder Force“ (Силата на громот), чија премиера ќе биде на 9 април следниот месец.
„Thunder Force“ e американски суперхеројски хумористичен филм напишан и режиран од Бен Фалконе. Главните улоги ги толкуваат Мелиса Мекарти и Октавија Спенсер, а во останатите се најдоа Џејсон Бејтмен, Боби Канавале, Пом Клементиф, Кевин Дан и Мелиса Лео.
„Thunder Force“ е комедија за две најдобри пријателки кои стануваат суперхероини. Во трејлерот се открива како Лидија (Мекарти) повторно се сретнува со својата најдобра пријателка од детството, Емили (Спенсер), успешна научничка која создала технологија, која на обиичните луѓе им дава супермоќи.
Лидија случајно ја зема формулата која дава супермоќи, ненамерно создавајќи го првиот вистински суперхеројски тим. Кога ќе се појави нов негативец познат како „Кралот“ (Боби Канавале), пријателките се здружуваат за да го спасат градот.
Ова не е прва соработка на Мекарти и Фалконе – тие претходно соработуваа на филмовите „Tammy“, „The Boss“ и „Life of the Party“.
„Thunder Force“ е еден од вкупно 71 филмови кои „Нетфликс“ планира да ги објави годинава.