(Видео) Модната ревија на пингвините е хит за посетителите во скопската зоолошка: дресерот Маја Дојчиновска за дружбата со животните

(Видео) Модната ревија на пингвините е хит за посетителите во скопската зоолошка: дресерот Маја Дојчиновска за дружбата со животните

пред 3 години

Една година откако првите пингвини беа донесени во Зоолошката во Скопје, станаа најголема атракција за посетителите. Пред нивното живеалиште секојдневно се забавуваат и децата и возрасните. „Тука посетителите поминуваат најмногу од времето“, рече во разговор за „Репортер“ Маја Дојчиновска, една од негувателките во ЗОО Скопје. Не е тајна дека првите три пингвини што дојдоа во Скопје ги добија имињата по ликовите од филмот „Мадагаскар“-Скипер, Ковалски и Прајват. Сега во скопската ЗОО има девет пингвини, а Маја вели дека најинтересен од сите ѝ е Монти поради неговиот карактер.

„Од самиот старт беше најтврдоглав и најхрабар. Одеше прв да го истражува живеалиштето, а на секое мое доаѓање, тој прв ме пречекуваше“, вели таа и ни откри дека пингвините ги распознаваат по бојата на алките што ја имаат на крилата.

Маја раскажува дека најинтересото е кога  пингвините еден по еден ќе излезат од водата и како на модна ревија се шетаат во живеалиштето.

„Модната ревија е делот кога за време на хранењето пингвините излегуваат од водата на сувиот дел на базенот, кој ние си го викаме плажа. А ревија има и кога одмораат, тогаш исто така наредени еден зад друг излегуваат на плажата“, вели Маја во разговорот.

Маја со пингвините е од првиот ден кога беа донесени во зоолошката. Прво дојдоа три пингвини од Италија, а потоа уште шест од Русија. Како неговател на животните таа секојдневно се грижи за нив, ги храни и им помага да создадат навики за да им биде убаво во живеалиштето.

„Вложивме многу труд и нерви за брзо да се адаптираат и на внатрешното и на надворешното живеалиште и сега буквално уживаат. Не им правиме класична дресура, како на пример со морските лавови, но се трудиме да им создадеме навики каде и како да се движат за да може полесно да ја добијат ханата или да влегуваат во внатрешниот дел кога треба да ги прегледаме или да го исчистиме базенот“, вели таа.

„Прв пат во Зоолошката имаме пингвини и тие се меѓу најомилените животни. Децата најмногу им се радуваат и поминуваат најмногу време пред нивното живеалиште“, додава Маја.

Андријана Јовановска

Share
Scroll to Top