(Видео) Наза’а победи на Светското првенство за убавина на камили во Катар

(Видео) Наза’а победи на Светското првенство за убавина на камили во Катар

пред 2 години

Камилата Наза’а победи на Светското првенство за убавина на камили во Мзајен. Натпреварот се одржа во катарската пустина на околу 25 километри оддалеченост од Доха и Светското фудбалско првенство.

На натпреварот учествуваа стотици камили. Овој настан има за цел да ја претстави традиционалната култура кај посетителите на Светското првенство и беше спонзориран од Министерството за спорт и млади, во соработка со локалниот организациски комитет на Светското првенство.

Овие настани се одржуваат редовно низ Блискиот Исток, каде што луѓето одгледуваат камили со генерации. Наза’а која беше една од 15-те камили кои се натпреваруваа за круната, беше украсена со огрлици од скапоцени камења.

„Ова е нашата култура. Ова е од многу одамна, од нашите татковци и дедовци. Денес е натпревар, натпревар за убавина. Ни се допаѓаат овие камили. Им даваме имиња. Тоа е како семејство“, рече Џасим Ал Кувари, кој е еден од членовите на семејството кое ја чува Наза’а.

„Мислам дека нашата камила е подобра од Роналдо и Меси“, се пошегува тој.

Главната атракција се чистокрвните женски камили. Натпреварувачите вртат неколку кругови пред трибината на навивачи кои навиваат за својот миленик. Има и натпревар за молзење, при што наградата оди кај камилата што дава најмногу млеко.

Има и доктор кој се грижи на животните да не им се става филер или ботокс за да бидат поубави. Минатиот декември десетици камили беа дисквалификувани од фестивалот на камили на кралот Абдулазиз во Саудиска Арабија поради козметички подобрувања.

Победниците, второпласираните и третопласираните камили добиваат трофеи. Сопствениците на Наза’а заработија 55.000 долари.

„Од дете сум со камили и нивните натпревари“, рече сопственикот на камили Хамад ал Грејси. „Камилите беа тука пред авионите и автомобилите. Тие беа наречени бродови на пустината. Со современите возила камилите станаа помалку популарни, но сепак имаат големо место во нашата култура“.

 

Share
Scroll to Top