Објавен е трејлерот за романтичната комедија „Барби“, во која куклата Барби ќе го напушти нејзиниот куклен универзум и ќе се обиде да се вклопи во светот на луѓето.
Актерите Марго Роби и Рајан Гослинг ќе им дадат живот на познатите Барби и Кен во овој долгоочекуван филм на режисерката Грета Гервиг. Покрај трејлерот, вчера беа објавени и филмските постери со кои беа претставени и останатите имиња од актерската екипа. Меѓу нив се најдоа Вил Фарел, Америка Ферера, Дуа Липа, Симу Лиу, Кејт Мекинон, Иса Реј, Мајкл Сера, Кингсли Бен-Адир, Никола Кофлан, Емералд Фенел и други.
Славната кукла Барби годинава полни 64 години и не се предава, бидејќи годишно од неа се продаваат по 58 милиони кукли во повеќе од 150 земји. Барби своето деби го имаше на американскиот саем за играчки во Њујорк на 9 март 1959 година, каде се појави првпат. Од тогаш се продадени повеќе од милијада вакви кукли ширум светот.