Вчеравечер во Вестминстерската опатија осумте внуци на кралицата Елизабета бдееја покрај ковчегот на нивната баба. Заедно одржаа церемонија традиционално позната како бдение на принцовите.
Вилијам носеше сина лента, додека другите внуци, вклучувајќи ги принцезите Беатрис и Евгенија, Зара Тиндал и Питер Филипс и Лејди Луиз Виндзор и Џејмс, Виконт Северн носеа црно. Принцот Хари носеше кралска воена униформа според протоколот, иако претходно се најавуваше дека ќе биде облечен во костум бидејќи се повлече од своите должности. На бдението дојдоа и принцот Едвард и неговата сопруга Софи, грофот и грофицата од Весекс.
Ова е првпат во историјата внуците на монархот да вршат Бдение на принцовите, оти до сега можеле да учествуваат само принцовите. Пред неколку дена на бдението на својата мајка беше и принцезата Ен, единствената ќерка на кралицата Елизабета и принцот Филип, пишува „Би-би-си“.
Оваа традиција првпат била спроведена во 1936 година по смртта на Џорџ Петти, кога неговите четири сина, кралот Едвард Осми, принцот Алберт и принцовите Хенри и Џорџ, стоеле на четирите страни од ковчегот на нивниот татко во Вестминстерската опатија.
Во петокот, сите деца на кралицата, Чарлс, Ендру, Едвард и Ана, беа на бдение. Секое од четирите деца на кралицата Елизабета ја зазеде својата позиција покрај ковчегот, додека остатокот од кралското семејство го следеше нивното бдеење од балконот на Вестминстерската сала.
Инаку, светските лидери и високи државници веќе почнаа да пристигнуваат во Лондон за да присуствуваат на погребот на Елизабета Втора. Погребот ќе се одржи во понеделник, 19 септември, а на официјалниот дел ќе присуствуваат членови на нејзиното семејство и британски и светски лидери. По церемонијата, ковчегот ќе биде пренесен во замокот Виндзор, во капелата Свети Џорџ, каде ќе биде последното почивалиште на кралицата.
Се очекува погребот на кралицата да биде најгледаниот телевизиски пренос во историјата.
Кралицата Елизабета почина на 97 години во нејзиниот замок во Шкотска. Покрај неа беше нејзиниот син Чарлс и членовите на кралското семејство.