Историскиот центар на Рим викендов беше преплавен со илјадници легендарни скутери „Веспа“, откако околу 25.000 возачи од 67 земји пристигнаа во италијанската престолнина за да го прослават 80-годишниот јубилеј на еден од најпрепознатливите италијански брендови.
Четиридневната манифестација „Vespa Roma 2026 – 80 години на една икона“, која се одржа од 25 до 28 јуни, го претвори Рим во светски центар на љубителите на двотркалците и италијанската мото-култура.
Најголемо внимание привлече големата парада одржана во саботата, која свечено ја отвори градоначалникот на Рим, Роберто Гуалтиери. Дефилето го предводеа претседателите на „Веспа“ клубовите од сите 67 земји учеснички.
Колоната тргна од Каракалините бањи, помина покрај Колосеумот, Олтарот на татковината на Плоштадот Венеција и Империјалните форуми, каде беше поздравена со аплаузи од илјадници жители и туристи.
Посебна атракција беа повеќе од 160 историски модели на „Веспа“, кои ја прикажаа еволуцијата на легендарниот скутер од 1946 година до денес. Посетителите имаа можност да ја видат и ретката „Vespa 98“ од првата серија, како и култните модели од 1950-тите и 1960-тите години, легендарните ET3, GTR, Rally и PX, но и најновите Primavera и GTS.
Многу од учесниците поминале илјадници километри за да бидат дел од прославата. Дел од нив ги испратиле своите скутери од Соединетите Американски Држави до Германија, а потоа преку Австрија пристигнале во Рим.
Елизабет Хусман од Чиле изјави дека ваквите настани ги обединуваат љубителите на „Веспа“ од целиот свет.
„За сите што ја сакаат ‘Веспа’, ова е многу повеќе од обичен собир. Овде запознавате луѓе од различни земји кои ги поврзува истата страст кон скутерот што како да има своја душа“, рече таа.
Италијанецот Андреа Муско нагласи дека за него „Веспа“ не е само превозно средство.
„Тоа е начин на живот. Симбол на слободата, безгрижноста и уживањето во секој момент и секој пејзаж“, изјави Муско.
Прославата продолжи во „Vespa Village“, поставен во рамките на комплексот „Форо Италико“, каде посетителите бесплатно уживаа во концерти, изложби, богата забавна програма, историски модели од музејот на „Пјаџо“ и презентација на најновите генерации на легендарниот италијански скутер.
Осум децении по своето прво појавување, „Веспа“ уште еднаш покажа дека не е само превозно средство, туку глобален симбол на италијанскиот стил, слободата и љубовта кон патувањата.






