ВЛЕН упати остри критики кон ДУИ, обвинувајќи ја партијата дека повторно се обидува политички да профитира преку манипулации и злоупотреба на студентските прашања.
Во соопштението, ВЛЕН наведува дека ДУИ имала повеќе неуспешни политички обиди во последниот период – од протестите и поставувањето шатори на плоштадите за, како што велат, „наводна заштита на албанскиот јазик“, па сè до иницијативите кон меѓународната заедница и најавите за референдум.
Од коалицијата велат дека и обидот за политичко дејствување преку студентските протести завршил без успех.
„Протестот заврши, а маските повторно паднаа. Можат да викаат колку сакаат, но вистината е една“, порачаа од ВЛЕН.
Според нив, студентите барале полагање на правосудниот испит на албански јазик – можност која, како што тврдат, досега не постоела. Од ВЛЕН велат дека пристапиле кон решавање на проблемот системски и најавуваат дека решението нема да се однесува само на правосудниот испит, туку и на сите професионални испити.
„Сите професионални испити ќе може да се полагаат и на албански јазик“, наведуваат од коалицијата.
Во соопштението ВЛЕН посочува и други прашања за кои тврдат дека биле решени по нивното доаѓање на власт, меѓу кои професионалните медицински испити, статусот на воспитувачките во градинките, решението за Медресата, како и процесот за дислокација на казината.
Од коалицијата оценуваат дека ДУИ во изминатите две децении оставила нерешени или делумно решени проблеми, додека тие, како што наведуваат, работат на нивно затворање едно по едно.
„ДУИ може да вика, да манипулира и да се крие зад кого било, но нивното време заврши. Политичкиот агалук заврши со ДУИ во опозиција“, порачаа од ВЛЕН.






