ВЛЕН: ДУИ ги пере сопствените гревови преку Артан Груби – нека каже каде заглави неговиот предмет

ВЛЕН: ДУИ ги пере сопствените гревови преку Артан Груби – нека каже каде заглави неговиот предмет

пред 6 часа

Од коалицијата ВЛЕН повторно упатија остри обвинувања кон ДУИ, овојпат во врска со поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и неговиот случај, прашувајќи дали партијата се обидува преку него да ја пренасочи јавноста од сопствената одговорност.

„Наместо да добиеме одговор дали Артан Груби ја купува својата слобода со темните тајни на ДУИ, денес гледаме нов обид вниманието на јавноста да се пренасочи“, се наведува во објавата на ВЛЕН.

Од коалицијата реагираат и на актуелните критики на ДУИ поврзани со документите во Владата, посочувајќи дека токму Артан Груби, додека ја извршувал функцијата прв вицепремиер, потпишувал официјални одлуки само на македонски јазик.

Според ВЛЕН, неговиот потпис се наоѓа на таквите документи и токму затоа, како што велат, обвинувањата што денес ги упатува ДУИ се контрадикторни.

„Животот во опозиција толку ја истрошил ДУИ што им се измешале и бројките. А кога пред нив ќе се појават документите со потписот на Артан Груби, се однесуваат како да паднале од Марс“, наведуваат од ВЛЕН.

Од коалицијата ја повикаа ДУИ, доколку навистина е загрижена за законитоста и одговорноста, да се приклучи на нивното барање до Јавното обвинителство и да побара јасен одговор до каде е постапката поврзана со Артан Груби.

„Ако ДУИ е толку загрижена за законот и одговорноста, нека не брои седници и нека не продава магла. Нека се приклучи на нашиот повик до Обвинителството и нека побара јасен одговор до каде стигна случајот што го однесе Артан Груби на американската црна листа“, велат од ВЛЕН.

Во објавата се додава дека токму на ова прашање, според ВЛЕН, ДУИ избегнува да даде одговор.

„Наместо на Груби да му ги закачат на врат сите свои гревови, нека побараат заедно со нас Обвинителството да каже каде заглавил неговиот предмет. Или можеби се плашат дека заедно со него ќе се отвори и црната кутија на ДУИ?“, прашуваат од ВЛЕН.

Share
Scroll to Top