Политичката партија ВЛЕН реагираше по вчерашниот протест на ДУИ во Тетово, оценувајќи дека станува збор за политички собир организиран поради, како што велат, „изгубените привилегии“, а не во интерес на граѓаните.
Од ВЛЕН посочуваат дека ДУИ повеќе од две децении била дел од локалната и централната власт, а наместо да преземе одговорност за неисполнетите ветувања, се обидува да се претстави како жртва.
Во реакцијата се наведува дека обвинувањата за наводно попречување на протестот се обид да се прикрие, како што велат, намалената поддршка што партијата ја има кај граѓаните.
„Тетово не е ничија сопственост. Времето кога една партија тврдеше дека зборува во име на сите Албанци е завршено. Граѓаните избраа промени и нема да се вратат назад“, се наведува во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека прашањето за имињата на улиците во Тетово треба да се решава по законски и институционален пат, во интерес на граѓаните.
„Тетово заслужува работа, одговорност и резултати, а не политичка паника“, порачуваат од ВЛЕН.






