Решение за професионалните војници по навршувањето 45 години, набавка на нови амбулантни возила, поддршка за производителите на јаболка и инвестиции во образованието и заштитата од поплави се меѓу активностите што коалицијата ВЛЕН ги издвои во својот неделен преглед.
Во објавата под мотото „Една недела ВЛЕН, седум работи што вредат“, коалицијата наведува седум одлуки и проекти за кои оценува дека придонесуваат за подобри услуги и поголема сигурност на граѓаните.
Продолжување на работниот ангажман за професионалните војници
Од ВЛЕН посочуваат дека Владата ја одобрила можноста професионалните војници по навршувањето 45 години да продолжат да работат во Армијата како цивилен персонал до пензионирањето. Според коалицијата, решението треба да обезбеди поголема егзистенцијална сигурност за војниците и нивните семејства.
Сто нови амбулантни возила за здравството
Во здравството е издвоена набавката на 100 нови амбулантни возила, со инвестиција од 460 милиони денари. Како што наведуваат од ВЛЕН, возилата ќе располагаат со современа опрема за интервенции и третман на пациентите за време на транспортот, а придобивките ќе опфатат повеќе средини, од Липково до Струга.
Над 379 милиони денари за заштита од поплави во Сарај
Коалицијата информира и за уредување на околу 12 километри од коритото на Сува Река во Сарај, финансирано од Министерството со кое раководи Мухамет Хоџа.
Според објавата, инвестицијата надминува 379 милиони денари, а за помалку од три месеци биле реализирани 20 отсто од работите. Проектот е наменет за заштита на домовите, имотите и земјоделските површини од поплави.
Универзитетски статус за библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово
На предлог на министерот Седат Сулејмани, Владата донела одлука со која библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово добива универзитетски статус, наведуваат од ВЛЕН. Со тоа, според коалицијата, се проширува нејзината улога во поддршката на студентите, професорите и истражувачите.
Исплатени околу 149,5 милиони денари за производителите на јаболка
Во неделниот преглед се наведува дека на 1.934 производители на јаболка им биле исплатени околу 149,5 милиони денари за предаденото производство. Од коалицијата ја нагласуваат важноста на навременото подмирување на обврските и поддршката за домашното земјоделство.
Активности за училиштата во Крушевско
Заменик-министерот Дритон Сулејмани ги посетил Норово, Алданци и Врбоец. Во Норово, според објавата, урбанистичките постапки се пред завршување, што треба да овозможи продолжување на работите за новото училиште.
Како седма точка, ВЛЕН го издвојува прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик. Од коалицијата наведуваат дека, со предлогот на министерот Јетон Шасивари, се отвора пат за негово решавање.






