ВМРО-ДПМНЕ: Македонија прави крупен исчекор кон енергетска независност со над 800 нови иницијативи за проекти во обновливи извори на енергија

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија прави крупен исчекор кон енергетска независност со над 800 нови иницијативи за проекти во обновливи извори на енергија

пред 8 часа

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека во изминатите две години се направени значајни чекори во развојот на енергетскиот сектор, оценувајќи дека се поставени цврсти темели за енергетска независност, зелена транзиција и изградба на современ енергетски систем кој ќе обезбеди поголема сигурност, нови инвестиции и одржлив развој.

Од партијата посочуваат дека, по подолг период на застој, државата добила нов Закон за енергетика усогласен со европските директиви, како и Интегриран национален план за енергија и клима. Според нив, со овие документи за првпат се воспоставува јасна стратегија за декарбонизација, развој на обновливите извори на енергија и исполнување на европските стандарди.

Како дополнителна потврда за довербата во ваквите политики, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се евидентирани повеќе од 800 инвестициски иницијативи за нови проекти во секторот на обновливите извори на енергија.

„Над 800 инвестициски иницијативи за нови проекти во обновливите извори на енергија се доказ дека Македонија станува сигурна и атрактивна дестинација за домашни и странски инвестиции. Тоа значи повеќе домашно производство на електрична енергија и поголема енергетска независност“, се наведува во партиското соопштение.

Во соопштението се истакнува дека паралелно се реализираат и капитални проекти насочени кон модернизација на енергетскиот сектор. Меѓу нив се издвојуваат државниот батериски систем за складирање енергија, дигитализацијата на процедурите за изградба на ветерни електрани, финансиската поддршка за производителите на енергија од обновливи извори, како и новите законски решенија кои, според партијата, придонесуваат за создавање современ и конкурентен енергетски пазар.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека значајно место во реформите има и енергетската ефикасност. Според нив, преку реконструкција на јавни објекти, формирање Фонд за енергетска ефикасност, обезбедување финансиски средства од меѓународни партнери и воведување обврска за поставување соларни панели на јавните објекти, се создаваат услови за намалена потрошувачка на енергија, пониски трошоци и почиста животна средина.

Партијата наведува и дека финансиската поддршка што Македонија ја добива од Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Светската банка и други меѓународни партнери претставува потврда дека реформите на Владата се препознаени како кредибилни и усогласени со европските политики.

Во заклучокот од соопштението, ВМРО-ДПМНЕ порачува дека ќе продолжи со истото темпо на работа, оценувајќи дека силниот енергетски сектор е основа за економски развој, нови инвестиции, повисок животен стандард и посигурна иднина за граѓаните, како и за изградба на енергетски независна, економски посилна и европски ориентирана Македонија.

Share
Scroll to Top