Глумецот Толга Ортанџил, кој минатото лето во Скопје ја снимаше серијата „Балканска приспивна песна“, е еден од многуте актери кои активно се вклучија во хуманитарните и спасувачки акции по катастрофалниот земјотрес во Турција. За „Репортер“ тој вели дека е безбеден, заедно со неговото семејство, но дека на многу луѓе им треба помош, па го повика Балканот на солидарност со турското население.
„Внуците на мој близок пријател кој живее во еден од најпогодените делови од земјата сè уште чекаат помош под зградата што се урива. Не ги познавам лично, но длабоко ја чувствувам болката на секој граѓанин“, раскажува Толга.
Кога се случи земјотресот тој бил во Анкара во посета на семејството, па не го почувствувал потресот.
„Сите беа во длабок сон кога се случил. Кога се разбудив, го земав телефонот и преку социјалните мрежи дознав дека се случил разорен земјотрес. Имам многу близок пријател кој живее во таа област. Ние сме како браќа. Веднаш му се јавив, но не можев да стигнам до него со часови. Пишав на социјалните мрежи, барав информација. И кога конечно го добив, тој рече дека се добро“, рече актерот.
Вели дека и тој и неговите најблиски се физички добро, но дека како и целиот народ се духовно осиромашени.
„Ние како луѓе се трудиме да направиме сè што можеме за да помогнеме. Ама и како актери пробуваме да допреме до што повеќе луѓе. Некои од моите колеги отидоа во зоната на земјотресот, кажуваат што треба и ги објавуваме нивните повици за помош до цела Турција и светот. Ова е човечка драма. Мојата убава земја се бори со нешто страшно. Многу луѓе загинаа. Има и такви кои сè уште се живи и чекаат под урнатата зграда. Беспомошноста ме прави многу тажен“, раскажува Толга за „Репортер“ и додава: „Го повикувам Балканот и целиот свет на солидарност. Ова е човечка драма. Оваа драма нема боја, јазик, раса или религија. Секој треба да дојде да помогне“.
Поради земјотресот, во Турција изминатава недела не се снимаат филмовите и сериите.
„Точно, сите сетови запреа. Трчаме да им помогнеме на луѓето. Нашиот проект за ТВ-серијата ‘Балканска приспивна приказна’ заврши во декември. Но за сега не размислуваме за втора сезона. Сè што ни е важно во моментов е да спасиме повеќе луѓе“, вели Толга.
А. Јовановска