Во Ерусалим пронајдени рачни бомби од времето на Крстоносните војни

Во Ерусалим пронајдени рачни бомби од времето на Крстоносните војни

пред 2 години

Керамички садови од 11. и 12. век пронајдени во Ерусалим најверојатно биле првите рачни гранати употребени во текот на опсадата на овој град, покажа ново истражување. Анализата покажала дека археолошките артефакти со заоблен изглед и со конусна основа што се наоѓаат во многу музеи, всушност се користеле за носење експлозив.

Научниците истражувале четири керамички садови пронајдени на локацијата Ерменска градина во близина на ѕидините на стариот град Ерусалим. Експертите детално ги проучувале и остатоците во садовите, а анализите покажале дека во еден сад има супстанца што се користела како експлозив.

„Ова истражување ја докажа разновидноста на употребата на овие уникатни керамички садови, а сега на тоа се додава и нивната употреба како експлозивни направи. Овие садови од времето на Крстоносните војни се опишани како гранати фрлани во упориштата на крстоносците, кои произведувале силни звуци и силна светлина“, рече за медиумите молекуларниот археолог Сарни Матсон од Универзитетот Грифит во Австралија.

Преку серија хемиски тестови истражувачите открија дека трите садови најверојатно содржат остатоци од масло, мириси и лекови, што се совпадна со очекувањата на научниците кога станува збор за такви садови. Но четвртиот сад – камен лонец со многу дебели ѕидови и без украси – содржел остатоци што укажувале на можноста тука да се складираат хемикалии или хемиски експлозиви. Една од состојките е сулфурот, заедно со жива и магнезиум, кои во овој сад се поконцентрирани отколку во другите садови.

Претходните истражувања сугерираа дека некои од садовите можеби содржеле барут кој бил измислен во Кина во 9. век. Сепак, тимот кој го направи новото истражување смета дека хемиската смеса укажува на различен тип експлозив.

„Ова истражување покажа дека не се работи за барут и веројатно станува збор за експлозивен материјал што бил локален изум“, вели Матсон.

Научниците веруваат дека хипотезата за граната треба дополнително да се разгледа. Ова не е само поради обликот, големината и дебелината на садот, туку и поради историските извештаи за битките, кои ја вклучуваат и опсадата на Ерусалим во 1187 година каде што се споменува употреба на оружје слично на рачни гранати, а откриените артефакти се навистина слични на описите.

Ова откритие дополнително ќе помогне истражувачите кои го проучуваат начинот на кој се воделе војните пред илјада години. Сепак, не се знае од што точно се состоеле овие средновековни рачни бомби. Научниците сметаат дека тоа би можела да биде мешавина позната како грчки оган, но никој не го знае неговиот точен рецепт.

 

Share
Scroll to Top