Во недела музички собир во одбрана на МКЦ

Во недела музички собир во одбрана на МКЦ

пред 2 години

Во недела на 22.1.2023, во 21 часот пред платото на МКЦ е најавен музички собир во одбрана на МКЦ: Сите за МКЦ“. Организатори „Гола планина колектив“, велат дека очекуваат да се соберат сите ентузијасти и љубители на независната култура и заедно да го искажат незадоволството против градските институции.

„Запрашајте се дали сте биле во последниве 50 години на свирка, изложба, театарска претстава, поетско читање, промоција на книга, проекција на филм, или на било каков настан во МКЦ? Дали сте си поминале убаво? Ако да, знаете за што се бориме. Борбата е за квалитетни услови на уметничка креација која не спаѓа во ексклузивно популарната сфера, за градските институции да не си играат со уметниците и оние кои го овозможуваат нејзиниот процут, бидејќи инаку ќе згасне младата уметничка експресија. Се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години и сите оние кои сакаме да се случуваат во иднината. Се бориме за сите спомени остварени и сѐ уште неостварени, за минатото и за иднината.“, велат организаторите.

Од таму велат дека револтирани се и од кратењето на буџетот за МКЦ за 92%.

„Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките. МКЦ е она што нè држи живи. МКЦ не го заслужува ова, не заслужува еден ваков ветеран да биде изеден од забот на времето и алчноста“, додадоа тие.

За потсетување, на настанот ќе настапат некои од македонските пејачи и бендови како S.A.M, Cut Your Nipple, Lufthansa, Дина Јашари, „Новиот Почеток“, Shock Troopers, Yöu, Хајка, Dope Kukjata и други.

Share
Scroll to Top