Во овој град киријата не е поскапена повеќе од 500 години: Станарите плаќаат само 7 центи месечно, но мора да исполнат три услови

Во овој град киријата не е поскапена повеќе од 500 години: Станарите плаќаат само 7 центи месечно, но мора да исполнат три услови

пред 11 часа

Во време кога цените на кириите ширум Европа достигнуваат рекордни нивоа, во германскиот град Аугсбург постои населба во која месечната кирија изнесува само седум евроценти. Станува збор за Фугерај (Fuggerei), најстариот проект за социјално домување во светот, кој повеќе од пет века ја исполнува својата првична мисија – да обезбеди достоинствен дом за луѓе со скромни приходи.

Историјата на Фугерај започнува во 1521 година, кога населбата ја основал Јакоб Фугер – еден од најбогатите банкари и филантропи во Европа. Неговата визија била да создаде трајно решение за луѓето кои не можеле да си дозволат соодветен дом. И денес, повеќе од пет века подоцна, основните правила речиси воопшто не се променети.

Според основачката повелба, годишната кирија изнесува еден рајнски гулден – валута што се користела во Европа во 16 век. Бидејќи износот никогаш не бил усогласен со инфлацијата, денес тоа изнесува само 0,88 евра годишно, односно околу седум евроценти месечно.

Само три услови за живот во Фугерај

Иако киријата е симболична, стан во оваа необична населба не може да добие секој.

Кандидатите мора да исполнат три основни услови:

  • да имаат постојано живеалиште во германскиот град Аугсбург;
  • да докажат дека се наоѓаат во тешка финансиска состојба;
  • да бидат припадници на католичката вероисповед.

Освен симболичната кирија, станарите имаат и необична обврска – секој ден да изговорат три католички молитви за основачот Јакоб Фугер и неговите потомци. Денес ова правило се почитува врз основа на доверба меѓу жителите и управата.

Комплексот денес располага со околу 130 станови, а со нив и понатаму управуваат фондациите на семејството Фугер.

Стан што на пазарот вреди над 850 евра

Една од жителките на Фугерај е 76-годишната Илона Барбер, која таму живее од 2014 година заедно со своите домашни миленици.

Нејзиниот живот бил сè само не вообичаен. Пораснала во патувачки циркус, настапувала како акробатка, а подоцна се занимавала со музика и со својот бенд настапувала пред американски војници во воени бази.

Денес признава дека со својата пензија не би можела да си дозволи стан по пазарна цена.

„Пазарот на недвижности целосно излезе од контрола. Ако плаќав пазарна кирија од мојата мала пензија, речиси ништо немаше да ми остане за живот“, вели Илона.

За да добие стан во Фугерај чекала две години. Денес живее во стан чија пазарна кирија надминува 850 евра месечно, додека таа плаќа само седум евроценти.

„Навистина сум среќна“, вели таа со насмевка.

Единствен модел среде германската станбена криза

Приказната за Фугерај станува уште повпечатлива во време кога Германија се соочува со сериозна станбена криза.

Повеќе од половина од германските граѓани живеат под кирија, а трошоците за домување во последните години драстично пораснаа. Луѓето со пониски приходи во просек издвојуваат околу 40 проценти од своите месечни примања само за кирија.

Иако ваквиот модел тешко може целосно да се преслика во други земји, Фугерај денес претставува симбол на достапното домување и пример што привлекува внимание од целиот свет.

Туристите ја одржуваат традицијата жива

Околу 200.000 туристи секоја година ја посетуваат оваа единствена населба. Средствата од продадените влезници се користат за одржување на комплексот и зачувување на неговата повеќевековна традиција.

Благодарение на тоа што не се оптоварени со високи трошоци за домување, многу жители активно придонесуваат за заедницата. Илона денес работи на билетарницата, се грижи за градините и им ја раскажува на посетителите приказната за населбата која веќе повеќе од 500 години докажува дека достапното домување не мора да биде само идеја – туку може успешно да функционира и во пракса.

Share
Scroll to Top