Во Подгорица отворен парк посветен на Ѓорѓе Балашевиќ

Во Подгорица отворен парк посветен на Ѓорѓе Балашевиќ

пред 3 години

Во Подгорица е отворен парк во чест на починатиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. Паркот е официјално пуштен на 11 мај, на денот кога познатиот музичар ребаше да го прослави својот 68. роденден. Со овој гест Подгорица се прости од Балашевиќ, кој почина на 19 февруари поради компликации од короната.

Градоначалникот на Подгорица, Иван Вуковиќ, изјави дека Градот одлучил да му се оддолжи на панонскиот морнар не со зборови, туку со конкретно дело.

„Кога ја слушнавме веста за предвременото заминување на Ѓорѓе Балашевиќ, тага завладеа во Подгорица, како и во целата поранешна Југославија. Сите имавме чувство дека изгубивме некој наш, некој најблизок. Не можевме да најдеме зборови за да го опишеме тоа чувство на тага. Затоа, чувствувајќи ја потребата, поради сè што тој ни даде, на помладите, но и на постарите, решивме да му се оддолжиме“, рече Вуковиќ.

Тој притоа рече дека идејата за парк потекнала од самиот народ на Црна Гора.

„Стотици луѓе пишуваа, посочуваа дека тоа треба да биде парк, бидејќи парковите траат подолго, а споменот на Ѓорѓе Балашевиќ треба да трае вечно. Ова ќе биде место каде што ќе се слават љубовта, слободата, животот, начинот на кој пееше Балашевиќ и сè она што нè инспирира“, рече Вуковиќ.

Паркот, покрај уредените патеки, клупи и лулашки, е украсен и со 68 садници со разни видови дрвја на повеќе од 5.000 квадратни метри, како и со табли со стихови од Балашевиќ.

Share
Scroll to Top