(Галерија) Каролина со овации и бис, Слаткар ја изненади публиката со поинаков стил: Вчера почна Струмица опен

(Галерија) Каролина со овации и бис, Слаткар ја изненади публиката со поинаков стил: Вчера почна Струмица опен

пред 3 години

Каролина и Слаткар вчеравечер имаа концерт на „Струмица опен“. Тивко, анплагд и во опуштена атмосфера, концертите беа сосема поинакви од она на што се навикнаа струмичани изминатите десет години кога доаѓаа на фестивалот. Наместо да се журкаат, пијат и скокаат како што беше пред короната, тие сега седеа на тревникот под отворено небо и уживаа додека ги слушаа Каролина и Слаткар.

Вечерта почна со концертот на Слаткаристика. Тој своите хитови ги испеа во анплагд верзија. „Дијаманти“, „Марадона“, „Луда романтика“, „Терориста“, звучеа сосема поинаку само со гитара. „Слаткар може да биде и мирен и нежен“, се слушаше во публиката која не престана да аплаудира, изненадена од новиот стил на пејачот, кој важи за музичар кој е секогаш енергичен и разигран на сцената.

Откако заврши, Слаткар го најави настапот на Каролина, а атмосферата во паркот во Струмица се вжешти. Концертот почна тивко, со песните од албумите „Македонско девојче“, а заврши со најголемите поп-хитови на пејачката. И иако Каролина стана и играше на бината, само неколку млади играа на песните. Останатите гости ги следеа антиковид протоколите. Тие со кренати раце ги пееја омилените песни. Ја испратија со овации, а потоа ја вратија и на бис.

„Уживав, ви благодарам за енергијата“, рече пејачката за нејзиниот прв концерт од почетокот на короната, а фановите коментираа: „Каролина е мевлем за уши, ми фалеше да ја слушам во живо“.

Фестивалот „Стримица опен“ годинава одбележува 10 години јубилеј. Во музичката недела, што почна со концертите на Слаткар и Каролина, настапи ќе имаат само македонски музичари, па концерт ќе одржат и Игор Џамбазов со Гуру Харе, Суперхикс, Владимир Четкар и други.

Share
Scroll to Top