(Галерија) Свечено откриен споменикот на Тоше Проески во Хрватска: Статуата е симбол на пријателството меѓу Крушево и Нова Градишка

(Галерија) Свечено откриен споменикот на Тоше Проески во Хрватска: Статуата е симбол на пријателството меѓу Крушево и Нова Градишка

пред 2 години

На шеталиштето „Новоградишки куриозитети“ во Нова Градишка, свечено бешe откриен споменикот посветен на починатата музичка ѕвезда Тоше Проески. Овој споменик, кој го изработи уметникот Славко Буниќ, е поставен во близина на местото каде што Тоше загина пред 14 години во сообраќајна несреќа.

На откривањето на споменикот присуствуваа македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи, градоначалникот на Крушево, Томе Христовски и градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, но и ветераните на македонската ракометна репрезентација на чело со Пепи Манасков и граѓани на Нова Градишка.

„Статуата е симбол на пријателството меѓу Нова Градишка и Крушево“, рече за хрватските медиуми градоначалникот Гргиќ.

„Со Нова Градишка нѐ поврзува трагедијата на пејачот и наш сограѓанин Тоше Проески. Но, заедно сите сме негови обожаватели и сега и пред неговата смрт. Да се потрудиме да го продолжиме неговото дело, а тоа е добри дела, љубов и толеранција. Тоше вечно ќе живее во нашите спомени“, рече градоначалникот Христовски на откривањето на споменикот, а пренесоа хрватските медиуми.

По трагичната несреќа на Тоше, Нова Градишка на различни начини ја одбележува годишнината од неговата смрт. Маратонци трчаат меморијален маратон од Нова Градишка до Крушево и секој 16 октомври, пречекани со рози од крушевчани, го посетуваат неговиот гроб; општината постави спомен плоча за Тоше во дворот на Економското училиште, а жителите на Нова Градишка ја подржаа иницијативата да се направи споменик на Тоше на најпознатото шеталиште во градот.

Share
Scroll to Top