Германскиот хемичар Андреас Фат решил да го преплива целиот Дунав, по должината на неговото течение од скоро 3.000 километри. Додека плива тој собира примероци вода, што тим научници од Универзитетот во Виена ги анализираат во лабораторијата на бродот што го придружува додека плива.
Сепак, кога Фат стигнал до Белград, морал да се откаже од пливањето зашто водата била премногу загадена, па тој се исплашил дека загадената вода би можела да влијае на неговиот имунолошки систем. Место да плива, Фат ја поминал белградската делница со брод.
„Во Белград живеат 1,7 милиони луѓе и нивните отпадни води не поминуваат низ никаков третман, туку директно се влеваат во реката. На тој начин и изметот влегува во водата. Постои опасност при контакт со водата од Дунав тој да се зарази со ешерихија коли“, рекол Јута Нојман, член на неговиот тим.
Истражување на австриските научници од 2019 година покажало дека Дунав е загаден со фекалии по должината на својот тек во Србија, Романија и Бугарија. Ситуацијата е особено критична во Нови Сад и Белград, каде што има исклучително високо присуство на ешерихија коли. Количеството фекалии што се излева годишно во Белград е колку 60.000 олимписки базени, објавија пред неколку години градските власти.