Гитаристот на групата „Квин“, Брајан Меј, е позитивен на коронавирус. Тој веста ја сподели со фановите, а раскажа и како се заразил.
„Да, шокирачкиот ден конечно дојде. Застрашувачка двојна црвена линија. И да, ве молам, не сакам сочувство. Тоа беа неколку ужасни денови, но, јас сум добро и ќе ви ја раскажам приказната. Ве молам чувајте се. Оваа работа е неверојатно пренослива. Навистина не сакате да ви го расипе Божиќ. Со љубов, Брајан“, рече гитаристот.
Музичарот рече дека покрај него и неговата сопруга Анита Добсон е позитивна на корона. Двајцата велат дека биле внимателни сите овие месеци и дека се вакцинирале дури 3 пати. Но, вирусот го фатиле на една роденденски ручек кај нивни пријатели.
„Ни се чинеше дека ќе бидеме сигурни. Сите гости беа тестирани на коронавирус и сите беа негативни. Си велевме што може да појде по зло. Но, не носевме маски“, рече Меј.
Тие два дена подоцна почнале да ги чувствуваат првите симптоми. Тогаш дознале дека 8 лица кои биле на ручекот биле позитивни на вирусот. Следниот ден одлучиле повторно да се тестираат и дознале дека и тие се позитивни.
„Двајцата се чувствуваме лошо. Особено јас. Не сакав да разговарам со луѓето ниту да видам некого, не можев да станам од кревет. Имав ужасна кашлица“, рече Меј.
Тој рече дека не знае како би ја поднесол болеста ако се нема вакцинирано.
„Моето тело вака реагира затоа што примив 3 дози вакцина. Не знам како ќе го поднесев сето ова ако не се вакцинирав. Не можам доволно да ви нагласам колку е важно да се вакцинирате, ако тоа го немате направено досега“, рече тој и додаде дека поради ковидот изгубил близок пријател.
Меј рече дека веќе е 7 ден како е позитивен на корона.
„Чувствувам како мојот имунолошки систем, со огромна помош на 3 Фајзер дози, сега победува во борбата против напаѓачите. Затоа немојте да се плашите, постои живот и по ковидот. Но, бидете внимателни затоа што не сакате да го добиете, а не сакате ни вашето семејство. Фала ви на сите ваши пораки и покрај молбата да не сочувствувате. Тоа го ценам многу“, рече тој.
За потсетување, Меј преживеа и срцев удар, сериозна алергиска реакција, а минатата година го повреди колкот и еден мускул во паѓајќи во неговата градина.