Словенскиот филм „Нешто слатко“ чија режија, сценарио и продукција е на словенскиот стендап комичар, Тин Водопивец во сабота ќе ја има премиерата пред македонската публика. Главните улоги ги имаат македонските актери Сашко Коцев и Јелена Јованова. Изворот за главните улоги да ги толкуваат македонски актери се случил затоа што се најдобри вели Тин за Репортер.
„Сашко Коцев беше најдобра одлука и избор за таа улога. Дури и пишувавме за него, затоа што идејата беше дека од Македонија доаѓа еден голем гуру маркетинг во Словенија. И така Сашко од првиот ден беше наш избор. Ние веќе се познаваме веќе 13 години, и секогаш сме разговарале „ајде дај заедно да направиме некој филм“. Кога добивме идеја, беше корона пандемијата, и тој немаше толку работа, па успеавме да го добиеме за малку поевтино, се шегувам. Кога баравме глумица, тој ја предложи Јелена Јованова, ние мислевме дека Славенка ќе биде актерката, и некако не успеавме да ја најдеме вистинската бидејќи не се поклопи енергијата и хемијата. И тој со Јелена се вклопи комплетно, снимавме брзо без проблем и тие се навистина супер екипа заедно“, раскажа Тин за Репортер.
Освен пријателството со Сашко Коцев кој го поврзува за Македонија, Тин го поврзуваат и семејните корени, па и затоа разбра и зборува македонски, но подобро се снаоѓа на српски.
„Мојот дедо е од Македонија од Прилеп, а баба ми од Црна Гора, па заедно живееле во Македонија. Во еден период се одлучиле да се преселат во Кршко во Словенија, тоа е еден мал и најлош град. Јас се шегува, каде е уште полошо од Прилеп, па тоа е Кршко, па ајде да одиме таму. Дедо ми работел во нуклеарната електрана. И мојот татко се родил во Македонија, но имал само две години кога се преселиле. Супер ми е тука и кога сум настапувал како стендап комичар одлично сум бил прифатен и секогаш нешто ме влече. И од сега секој филм што ќе го правам, Сашко ќе мора да глуми во него макар и само главата да му се појави во еден кадар“, се шегува Водопивец.
При неговиот доаѓање во Македонија доживеал иста ситуација како и главниот лик во филмот „Нешто слатко“, одложен лет.
„Јас морав вчера утрото да бидам во Македонија, и на Сашко Коцев му се има случено истото неколкупати да му се откаже летот. Постојано приказната од филмот се повторува, бидејќи исто и филмот главниот лик го пропушта авионот и тоа ги предизвикува сите проблеми во филмот“, рече Тин.
Тин раскажа дека кога го напишал сценариото, веднаш му го испратил на Коцев на што му се допаднало, но и тој се вклучил со некоја идеја.
„Го пишувавме со мојата сопруга со која се разведовме по филмот, но сè уште сме во супер однос. Не претрпе големи измени, идејата му се допадна на Сашко. Тој игра две улоги, тоа му беше предизвик и нешто поразлично и нешто ново за него. Имавме и среќа што и тој беше слободен, немаше тогаш претстави, театарот беше затворен“, рече Водопивец.
Филмот „Нешто слатко“ е независен филм, односно не е финансиран од државен буџет. Па и затоа Коцев ја кажува шегата: „Тин е „будала“ што направи филм без буџет, ама јас сум уште поголема „будала“ што прифатив главна улога.
„Имавме ние некој буџет, но тоа беше микро буџет. Немавме никаква помош, финансиска од државата, како и филмски центар од Македонија, Словенија и Хрватска. Не ни баравме бидејќи сакавме да направиме независен филм без притисок, или пак некои луѓе да се мешаат во сценариото. А Сашко тогаш ја прифати таа луда идеја, инаку ние пари собравме од инвеститори, спонзори. Јас ништо не зедов како хонорар, се вложив во филмот, но сега ми се враќа со тоа што луѓето се смеат на филмот, аплаудираат. И Сашко кога првпат му го пративме сценариото рече „многу добар“ и тогаш се израдувавме што му се допадна. Полека и тој се вклучи, почна да пишува сценарио“, вели Тин.
Има голема разлика вели Тин кога се пишува сценарио за стендап и сценарио за филм.
„Кога пишувам за мој стендап тука се некои мои инспирации. А тука беше поинаку, барате како да добиеме добра приказна, да е смешна за луѓето, забавна, природна. Доста од сцените се импровизирани во филмот, уште подобро е кога луѓето спонтано реагираат. Исто така во филмот имаме и доста добри словенски комичари кои знаеле дека импровизираат, па имаме и од Србија еден одличен глумец, комичар, така што го собравме „најдоброто од Балканот““, рече Тин.
„Нешто слатко“ ќе има премиера и во Охрид и Пула.
Габриела Додевска