Горивата поевтинуваат следната недела: Владата најавува мерки и за цените на храната

Горивата поевтинуваат следната недела: Владата најавува мерки и за цените на храната

пред 6 часа

Владата најавува намалување на цените на горивата веќе од следната недела, како дел од пакет мерки за ублажување на растот на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.

Според најавите, на претстојната владина седница ќе се разгледуваат конкретни интервенции, меѓу кои и намалување на акцизите – мерка што директно влијае врз конечната цена на бензинот и дизелот. Во претходните најави, беше посочено дека акцизата за дизел може да се намали за околу 4 денари, а за бензините за 2 денари по литар.

Покрај горивата, Владата разгледува и дополнителни мерки за храната, кои би можеле да бидат донесени веќе во вторник. Се споменува можност за интервенции во делот на ДДВ или други механизми со цел да се спречи дополнително поскапување на основните прехранбени производи

Овие чекори доаѓаат во период кога инфлацијата во земјава се движи околу 4 до 5 проценти, а цените на храната и енергенсите вршат силен притисок врз домашните буџети. Особено е изразен растот на цените на одредени производи, како јајцата, кои бележат значително поскапување во пресрет на празниците.

Владата уверува дека и покрај намалувањето на акцизите и можниот удар врз буџетот, има доволно финансиски простор за спроведување на мерките. Сепак, веќе се најавува и ребаланс на Буџетот во наредните месеци, со цел да се обезбедат средства за сите планирани интервенции и обврски.

Од друга страна, опозицијата реагира дека мерките доаѓаат доцна и дека граѓаните веќе подолго време се соочуваат со раст на цените, додека Владата, според нив, не реагирала навремено.

Во услови на нестабилни светски цени на нафтата и зголемени трошоци за живот, следната недела ќе биде клучна за тоа дали најавеното намалување на горивата навистина ќе донесе олеснување за граѓаните.

Share
Scroll to Top