Саракинико Бич, плажата на грчкиот остров Милос, годинава се најде на врвот на листите за најубави и најпосебни плажи во Европа, а фотографиите од ова место веќе со недели доминираат на социјалните мрежи и патничките портали.
Она што ја прави Саракинико поразлична од класичните медитерански плажи е нејзиниот необичен изглед. Белите вулкански карпи, обликувани од ветерот и морето низ илјадници години, создаваат впечаток како да станува збор за „месечев пејзаж“, па многумина велат дека местото повеќе наликува на сцена од научно-фантастичен филм отколку на плажа во Грција.
Комбинацијата од мазни бели карпи и тиркизно сино море последниве години го претвори Милос во една од најпосакуваните летни дестинации меѓу помладите туристи, љубителите на фотографијата и инфлуенсерите на Инстаграм и ТикТок.

За разлика од типичните грчки плажи со лежалки, чадори и гласни beach барови, Саракинико нуди сосема поинакво искуство. Посетителите таму најчесто доаѓаат за да ги истражуваат карпите, да скокаат во кристално чистото море, да нуркаат и да направат фотографии кои изгледаат речиси нереално.
Поради сè поголемата популарност, многумина веќе го нарекуваат Милос „новиот Санторини“, но со помалку гужви и помирна атмосфера. Целиот остров е познат по вулканскиот пејзаж, скриените заливи и повеќе од 70 различни плажи, но токму Саракинико стана негов заштитен знак и една од најпосакуваните летни локации во Европа.
Дополнителен плус за туристите од Македонија е што оваа егзотична дестинација не е далеку и лесно може да стане дел од летниот одмор за оние кои бараат поинакво и незаборавно искуство покрај море.






