Дебелината е минато, а јас сум среќна: Јутјуберката Кике Цветче успеа да ослабе 40 килограми и да рекламира долна облека

Дебелината е минато, а јас сум среќна: Јутјуберката Кике Цветче успеа да ослабе 40 килограми и да рекламира долна облека

пред 2 години

Македонската јутјуберка Христина Цветкоска (27), позната како Кике Цветче, за петнаесет месеци ослабе скоро 40 кила. Таа со своите 23.000 следбеници на Јутјуб, ама и преку објави на Инстаграм, месеци наназад споделува како ѝ оди слабеењето. Заедно со нив, таа и вежба и готви. И ги советува да одат чекор по чекор, за да дојдат до целта. Не било лесно додека траел процесот, особн што ја направила најголемата грешка, интензивни вежби, шест пати на ден кои му напарвиле шок на организнмот.

„Почнав да слабеам лани во октомври, а првата и најбитна причина ми беше здравјето, т.е. превенција да ми се наруши здравјето. Начинот на живот што го водев дотогаш беше апсолутно ужасен и знаев дека ако продолжам со истото темпо, ќе си предизвикам здравствени проблеми кои може да бидат долготрајни. За среќа, успеав навреме да се свестам и не стигнав до степен да си го нарушам здравјето. Токму тој страв беше мотивацијата за мојата трансформација“, вели Христина.

Прво почнала  да се храни здраво. Од маргарин и мајонез се откажала целосно и успеала да најде поздрава верзија.

„Наместо мајонез и маргарин, користам намази како хумус, песто, па дури и нискомаслена урда. Наместо павлаки и помасни јогурти, јадам грчки јогурт со 0% масленост. Белиот шеќер целосно го исфрлив и го заменив со стевиа и други природни извори на шеќер како мед, сируп од урма, агаве сируп, протеински крем. Не ми недостига ништо, бидејќи никогаш ништо не си забранив. “, ни рече таа во разговорот за „Репортер“.

Уште кога почнувала Кике си поставила цел да го смени начинот на живот, да се фокусира на балансирана исхрана и да вежба. На почетокот дури и претерала оти вежбала шест пати на ден, секој ден. Од преголемиот напор, но и целосно сменетата исхрана, самата, не сакајќи, си направила проблем.

„Поради преголемиот шок кој му го нанесов на организмот, од нездрава на целосно здрава исхрана, ми се покачи мочната киселина. Кога почнав да вежбам, почнав по шест пати на ден, кратки вежби по дваесетина минути.  По два месеца вежбање ми се јави проблем во левото колено и бев принудена да мирувам. Во тој период возев само статичен точак дома. Мојата решителност овој пат не ми дозволи да потклекнам и да се откажам. Потоа почнав со ЕМС тренинзи и до ден денес вежбам таму, двапати неделно. Се трудам да најдам време за да вметнам и по некој домашен тренинг. Извлеков поука дека за било каква промена треба време, трпение и нега.“, ни раскажа во разговорот.

Иако денес вежбањето ѝ оди лесно, имало моменти кога сакала да се откаже. Но, тука била поддршката од околината, а најмногу од сопругот Иван, јутјубер и музичар познат како Иван Ајнштајн.

„Одлуката да почнам со ваквата промена беше моја, меѓутоа поддршката што ја добив беше огромна. Решив јавно да го споделувам мојот процес и на тоа гледав како на еден вид електронски дневник од целиот мој напредок. Потоа тоа прерасна во катче кај што се шири позитива и мотивација. При секој мој поранешен обид да стекнам здрави навики, Иван безусловно беше тука да ме бодри, иако сите тие завршувале неславно. Јас не знам од кај најде сила и овој пат да биде покрај мене од сам старт, и не само со поддршка, туку и да ги прифати тие здрави навики“, вели Кике.

Уште пред да ослабе, Кике стана заштитно лице на познат бренд за долна облека и лани сними фотосесија со нивните модели костими за капење за крупни дами. А откако ослабе, се сликаше во секси долна облека, а ги покажа и стриите за кои вели дека се нејзини и ги сака.

„Со фотосесијата сакав да одбележам една година од одлуката да почнам да се грижам за себе и да водам здрав живот. Стриите ги имам уште како тинејџерка и гледам дека колку и да слабеам, тие ќе си останат. Порано се срамев од нив, потоа само ги прифатив, ама сега си ги засакав и затоа сакав и да ги истакнам, бидејќи знам дека има многу луѓе кои сѐ уште се заглавени во фазата кај што се срамат од нив, иако е тоа нешто најприродно на човековото тело“, вели Христина.

За сите дами што сакаат да ослабат и да поработат и на физичкиот изглед и на здравјето, има порака: „Здравјето нека ви биде најбитно. Не чекајте да стигнете до степен да треба да ви се забрани нешто и да бидете принудени да слабеете или вежбате. Негувајте ги и физичкото и менталното здравје за најдобри резултати. Балансот е навистина златна придобивка“.

Андријана Јовановска

 

Share
Scroll to Top