Холивудската ѕвезда Деми Мур повторно беше во центарот на вниманието на Канскиот филмски фестивал, каде што годинава има и специјална улога како член на жирито. Актерката се појави на светската премиера на филмот „Животот на жената“ и уште еднаш ги собра сите погледи на црвениот тепих со своето гламурозно издание.
Деми Мур блесна во елегантен фустан во боја на лаванда од модната куќа Џорџо Армани. Раскошната креација, изработена од повеќеслоен тил и дополнета со впечатлив долг пердувест детаљ, остави силен впечаток кај присутните фотографи и гости на фестивалот.
Импресивната тоалета беше толку раскошна што актерката во еден момент доби и помош при местeњето на долгиот воз за време на фотографирањето на црвениот тепих.
Иако организаторите на Канскиот фестивал во последните години се обидуваат да воведат построги правила за облекување и да ги ограничат гломазните фустани со долги возови, многу светски ѕвезди и понатаму избираат токму вакви драматични модни комбинации како дел од фестивалскиот гламур.
Деми својот изглед дополнително го надополни со модерна „влажна“ фризура, впечатлив накит и елегантни салонки во иста нијанса како фустанот, потсетувајќи на некои од нејзините најпознати модни изданија од претходните години.
Сепак, покрај модната комбинација, големо внимание повторно привлече и нејзиниот физички изглед. Светските медиуми и социјалните мрежи деновиве постојано коментираат дека актерката никогаш не изгледала послабо.
Фотографиите од Кан предизвикаа бројни реакции и нови шпекулации околу нејзиното драстично слабеење. Дел од јавноста коментира дека актерката изгледа премногу слабо, додека други сметаат дека станува збор за природен изглед и строг режим на исхрана.
Во јавноста повторно се појавија и гласини за наводна употреба на препарати за слабеење, меѓу кои и популарниот Оземпик, иако Деми Мур претходно изјавуваше дека внимателно се грижи за исхраната и дека стресот имал големо влијание врз промените во нејзиниот изглед.
Во текот на вечерта, актерката се појави и во уште една модна комбинација со поинаков стил, уште еднаш потврдувајќи дека и понатаму важи за една од најголемите модни икони на Канскиот филмски фестивал.






